Шестдецениската дејност на филмското платно на актерот Емил Рубен беше претставена вчеравечер, во рамки на фестивалот Охридско лето, а во соработка со Кинотека на Македонија. Фестивалската публика проследи три филмови во кои игра Емил Рубен, од различни етапи на неговата кариера: „ Малиот човек“, „Истрел“ и „Трето Полувреме“.
Како што истакна претседателот на Управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“ Зоран Велјаноски-Летра, вечерта се празнува филмската уметност преку достојно одбележување на еден од најзначајните јубилеи.

– Филмовите имаат значително влијание врз уметноста. Токму затоа Кинотеката на Македонија и Охридско лето веќе традиционално ја потврдуваат вредноста на нашето аудиовизуелно наследство. И во ова фестивалско издание уште еднаш, заедно со сите филмски и културни работници но и со сите граѓани на Република Македонија ја празнуваме филмската уметност и достојно го прославуваме филмот одбележувајќи еден од најзначајните јубилеи за македонската кинематографија, рече Велјаноски.  

Директорката на Кинотеката на Македонија Мими Ѓоргоска – Илиевска нагласи дека Рубен во својата шестдецениска актерска филмска дејност ги одиграл највпечатливите карактери со што претставува инспирација за помладите колеги.

– Како и секоја година и сега, низ кинотечните проекции потсетуваме  и одбележуваме важни јубилеи за македонската кинематографија. Годинава одбележуваме 60 години од првата улога на Емил Рубен, односно од неговото прво појавање на филмското платно со улогата во филмот „Тие двајцата“. За неговата богата актерска кариера и за широкиот и разновиден број на ликови кои успшено ги оствари Емил Рубен, добитник е на наградата „13 Ноември“ како и на наградата „Петре Прличко“. Тој е еден од ретките македонски актери кои од своите најмлади години има можност да снима со актерските имиња како Миливоје Живановиќ, Мира Ступица, Раде Марковиќ, а подоцна во својата професионална кариера и со Ристо Шишков, Илија Џувалекоски и многу други. Денес плејада помлади актери играат со него како тој некогаш. Во овие 60 години на филмското платно, Емил Рубен ги има создадено највпечатливите карактери во македонската кинематографија, рече Ѓоргоска –Илиевска.

Театарскиот и филмски актер Емил Рубен помеѓу емитувањето на филмовите, рече дека е бескрајно благодарен на фестивалот „Охридско лето“ и на Кинотека на Македонија што го одбележуваат неговиот јубилеј.

– Вечерва гледајќи го „Малиот човек“ излегов со една грутка во градите. Не можев да опишам што е тоа, но сепак на крајот се сетив. Кога сте дете, секој свет ви е отворен, бескраен, немате никакви граници, вие сте едноставно слободен и летате. А сега , од оваа перспектива, кога ќе погледнете наназад на тој момент, вие гледате само еден миг. Не можете да да оцените време, не можете да оцените ништо. Како тоа да не се случило во 1957 година кога е сниман филмот, туку пред пет минути. Помеѓу сега и тоа  што го гледавте не постои ништо, а сигурно дека постои цел еден живот. И сега јас сум немоќен да разберам зошто од почетокот одиш кон една вечност, а од оваа перспектива кога се враќаш кон почетокот, ти се чини како да е само еден миг. Затоа  тука е Кинотеката на Македонија која знае што се случило  во тој миг, да го разбуди, но и да го истражи, рече Рубен.

Позади Емил Рубен стојат 20-тина филмови. Вели со задоволство играл во сите филмови, но и оти се уште  е активен иако поминаа веќе шеесет години од снимањето на неговиот прв филм кога имал само шест години.

OhridNews