Со одлука на Агенцијата за вработување на Република Македонија, на 25 јуни, 2009 година се одобри спроведувањето и реализацијата на проектите за организирање на јавни работи во Општина Охрид.
Целта на овие проекти беше работно да се ангажираат долгорочно евидентирани невработени лица, ниско квалификувани невработени лица, повозрасни невработени лица над 55 години, врз основа на искажани потреби на организаторот на јавните работи.
Со првиот проект “Одржување на водоводна и канализациона мрежа” се опфатени 20 невработени лица чиј што работен ангажман ќе се реализира во ЈП “Проаква”, додека со вториот проект “Чистење на јавни плажи и диви депонии” се опфатени 40 невработени лица кои што ќе бидат ангажирани во јавното претпријатие “Охридски комуналец”.
Проектите се припремени од страна на Секторот за туризам и локален економски развој, врз основа на евидентираната зголемена потреба за одржување на системите за водоснабдување и одведување на отпадните води, како и справувањето со цврстиот отпад на крајбрежјето на Охридското Езеро.