Со пригодна свеченост за одбележување на патрониот празник на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Охрид во предворјето на црквата Св. Софија денес започнаа чествувањата по повод 24 мај Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Директорот на училиштето Ристе Јанкоски во своето обраќање пред присутните гости меѓу кои претставници на локалната самоуправа, професори, ученици, родители рече дека конечно по цели две години има можност за средба и прослава посветена на сесловенските просветители и нивното дело кое од огромно значење за сите нас.

Во изминатата учебна години нашите ученици заедно со своите наставници реализираа бројни проекти, учествуваа на различни натпревари, а сработеното добива конечен облик низ програмата денес. Но, ние не застануваме тука. Од следната учебна година во нашето комплетно реновирано училиште покрај постоечките, воведуваме и два комплетно нови профили економски техничар-дуална паралелка и техничар за е-трговија, дигитален маркетинг. Сметам дека со ова правиме крупен чекор кон модернизација во образовниот процес и стануваме поконкурентни и поинтересни за идните средношколци како средно стручно училиште, рече Јанкоски.

Секако дека во иднина, додаде Јанкоски, не очекуваат уште поголеми предизвици за кои ќе треба сите да работиме посветено доколку сакаме врвни резултати.

Во таа насока верувам дека ангажираноста на сите нас била и ќе биде од огромно значење за да одговориме на истите во новото време кое незапирливо одминува. Ние како наставници сме одговорни пред себе, пред учениците, но и пред целото општество за иднината која сакаме да ја создаваме. А, тоа ќе можеме да го постигнеме само со заедничка работа и сплотеност, потенцираше директорот.

Учениците приредија една навистина богата програма за уживање, каде ги покажаа своите таленти и способности, знаење, а беа доделени и награди за најуспешните.

Чествувањето на овој голем празник продолжува во понеделник со промоција на книга за светите браќа Кирил и Методиј од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго-Димоски, со почеток во 11:00 часот, а предвидена е програма и за во вторник.

Н.С.Ј.