Со пригодна свеченост денес пред споменикот на Св. Кирил и Методиј, општина Охрид го одбележа 24-ти мај- Денот на сесловенските просветители.
Пред присутните во име на локалната самоуправа се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев кој истакна дека одбележувањето има посебна симболика затоа што пораките се упатуваат од просторот , каде во непосредна близина се наоѓаат спомениците на учениците на Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум Охридски, продолжувачи на нивното просветителско и духовно дело.
– Монументите на најголемите сесловенски светители се свртени кон Охридското Езеро и кога ќе погледнеш чиниш дека заедно му упатуваат порака на светот во која доминантно место имаат просветителството и хуманизмот.Светот знае дека светите Кирил и Методиј ја напуштиле царската палата во Константинопол и заминале во просветителска мисија кај словенските народи, водени од идејата дека сите европски народи под исти услови треба да имаат еднаков пристап до словото. Светите Кирил и Методиј , биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик. Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните следбеници, Светите Климент и Наум го продолжија преку работата на Климентовиот универзитет од каде околу три и пол илјади ученици тргнувајќи од Охрид продолжиле да ја шират сесловенската писменост и култура, рече Јанев.
Во рамки на настанот беа доделени награди на ученици од основните и средните училишта кои постигнале значајни резултати на државни и меѓународни натпреварувања по што се одржа и културно-уметничка програма.
OhridNews