Драмскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ ќе стартува утре, со познатата театарска претстава „Жаба“ во изведба на Камерниот театар 55 од Сараево, работена според текст на Дубравко Михановиќ, во режија на Елмир Јукиќ. Станува збор за култна претстава на Камерниот театар 55 која има доживеано над 200 изведби.
Приказната е необична, психолошка драма која се случува во берберница.
– Текстот зборува за постранзициското општество, актуелно во деловите на некогашната Југославија. Приказната е за повоено Сараево, за потрагата за смислата, фрустрациите, откривање на бесмисленоста која владее во разрушениот систем. Локална сараевска приказна за четворица луѓе од Сараево, но универзална бидејќи проблемите со кои се соочуваат ликовите се проблеми на сите нормални луѓе кои живеат во еден уништен свет. Овој жанр е најтешкиот во театарот, психолошки реализам, сурово огледало на животот. Нема суфлери, светлосни ефекти, музика, вели познатиот босански актер Емир Хаџихафизбеговиќ.
Претставата ќе се игра во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 21 часот.
Во рамки на фестивалот Охридско лето“, вечерва со почеток во 20.30 часот на сцената на Долни сарај ќе биде изведена балетската претстава „Ла ла ла“, а утревечер во 19.30 часот, во црквата Св.Софија концерт ќе одржи Дуња Симиќ, сопран, во пијано придружба на Снежана Поповиќ Вулета.
OhridNews