Со претставата „ Неопланта“ во изведба на Театар Нови Сад, вечерва, стартува драмскиот дел од годинешното издание на фестивалот „ Охридско лето“. Како што истакна драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски, станува збор за петстава на легендарниот и најконтроверзен режисер на овие простори, Андраш Урбан, а е работена според романот на Ласло Вегел, звучно име за театарот на овие простори.
„ Неопланта“ е најиграната претстава која ги крши политичките критериуми за тоа што е демократија, народ, политички системи, за чувствата на еден народ кој минува низ различни системи во различни временски периоди.
– Во романот се започнува со распадот на монархијата, прва светска војна и завршува со транзицијата. Ние сме заробеници на историјата, но не би ја осудил историјата поради тоа, живееме во еден терор на нашето минато и историја. Во таа смисла романот е приказна за судбината, во една сцена еден човек мора да го убие својот најдобар пријател со кого биле на фронт и баш за таа сцена кога зборував со режисерот реков нема да биде спектакл , туку само еден крик- тоа е се, нашите животи и нашите несреќи. Секогаш мислевме дека се ќе биде подобро, а постанавме деца на несреќата во целиот регион , но и пошироко, вели Ласло Вегел, чиј роман наскоро се очекува да биде преведен и на македонски јазик.
Режисерот Андраш Урбан е добитник на многу награди и признанија меѓу кои и Специјалната награда во Будимпешта во 2010, Специјалната награда во Скопје во 2011 како и многу други награди за најдобра режија и најдобра сценографија.
Претставата ќе се изведе во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 21 часот.
OhridNews