Со театарската претстава на Горан Стефаноски, во режија на Александар Поповски и продукција на Словенечкиот национален драма театар од Љубљана вечерва се затвара годинешното, 55- то издание на фестивалот „ Охридско лето“. Како што открива авторот на текстот, Горан Стефаноски, самиот наслов на претставата во себе крие еден едноставен наслов- сексуалните позиции на историјата , како што вели, историјата која многу често не врти и гмечи на разни начини.
– Темата на пиесата е поврзана со првата светска војна и со ликот на еден познат научник и сексолог од тоа време. Тие теми за баналноста на злото, за секојдневието кое не фака многу често на голо преживување на емоционална уцена, и го сведува нашиот однос на препукување, на пцости. Има нешто порнографско во историјата особено кога ќе дојде до тие големи колежи како што се светските војни. Во таквиот казан сите копнееме по топлина, по човечки збор . Ме интересираше да напишам драма за времето кога љубовта е невозможна, за тишина во време на експлозија и ме интересираше да најдам лиричност во општата вулгарност и метафизичност во грдотијата како што е војната, вели Стефаноски.
Режисер на претставата е Александар Поповски, еден од најоригиналните македонски режисери, кој во Европа го сметаат за нова театарска ѕвезда поради креативниот и забавен пристап, а истовремено и многу сериозниот пристап кон театарот, со кој ги освојува публиката и критиката ширум Европа.
– Ова е приказна за нешто што е наша природа и не мора секогаш да е поврзано со војна , оваа претстава зборува и за нешто што е недопирливо, односи кои се чуваат во страна додека не ни се каже каде одат големите сили и мисли, што ќе се случи со нас, колку ќе поминат бегалци, а посуштествено е што станува со нас за тоа време и оваа претстава се занимава со тоа , зборува за првата светска војна, но покрива едно пошироко поле, вели Поповски.
Музиката за претставата ја има напишано познатиот македонски музичар и композитор Кирил Џајковски.
Претставата ќе се игра на сцената на Долни Сарај со почеток во 21 часот.
OhridNews