Вечерва од 21 часот на големата сцена при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, со претставата „Браќа Карамазови“ од Достоевски во изведба на градскиот театар „Марин Држиќ“ од Дубровник, а во режија на Дејан Пројковски, свеќено ќе биде  ќе се затвори годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Последното дело на големиот руски писател, Фјодор Михајлович Достоевски, е филозофски роман, кој се занимава со внатрешноста и надворешноста на човекот и непрекинатото истражување на своето постоење, моралот, Господ и нивното искупување…

Тој бил генијален иноватор, создавач на роман од нов тип – филозофскиот роман-трагедија, во кој основата на драмскиот конфликт ја образува борбата на идеите и во кој е отсликана динамичноста и театралноста на човековото битие. Неговото најграндиозно дело, „Браќа Карамазови“, на површината е приказна за тројца, или поточно четворица браќа кои имаат одреден удел во убиството на нивниот татко. Но, на едно подлабоко ниво, тоа е духовна драма која ги отвора големите морални прашања за верата, сомнежот, вината и слободната волја. Творештвото на Достоевски, всушност, претставува една филозофска драма.

И макар што во „Браќа Карамазови“ во мрачни тонови е испишана формулата дека ако не постои Бог и нема бесмртност на душата, тогаш нема ни љубов кон човештвото, сепак на таа формула писателот дијалошки ја спротивставува мислата дека љубовта кон човештвото е возможна и без никаква награда и може да биде ослободена од стравот од одмаздата на небото, за гревовите направени на земјата. Во ликот на Иван Карамазов, Достоевски истапува како еден од најдлабоките критичари на религијата и пред сè на теодицејата (оправдувањето на Бога). Од друга страна, како дијаметрална спротивност стои мудриот старец Зосима. Може слободно да се каже дека преку спротивставувањето на овие ликови Достоевски ја претставил раздвоеноста на своите ставови и својата внатрешна полемикa.

Според Пројковски, „Да се работи ‘Браќа Карамазови’, значи да се работи едно од тестаментарните дела на човештвото. Тоа беше потрага по човечкото во човекот“.

Дејан Пројковски е роден на 6.8.1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Р. Бугарија. Претседател е на Светската театарска мрежа Интер АКТ во која членуваат театри и фестивали од над 20 земји. Има остварено значајни театарски режии од кои како позначајни се издвојуваат: „Опасни врски“, „Хамлет“, „Смртта на Дантон“, „Црнила“, „Бегалка“, „Кралот умира“, „Галеб“, „Тартиф“, „Ромео и Јулија“, „Јонадаб“, „Падот на невиноста“…

Како режисер е добитник на голем број награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Неговите претстави гостувале во повеќе земји низ Европа, Италија, Германија, Франција, Англија, Русија, Бугарија, Србија, Турција, Хрватска и Словенија.

OhridNews