Вљубеници во уметноста, почитувачи на културните вредности, бројни охриѓани, синоќа присуствуваа на отворањето на ликовната изложба „Ех, моја Македонија“ организирана во знак на сеќавање на истакнатиот охридски уметник, прерано починатиот Драган Спасески Охридски.

Во негова чест беа изложени дела на Мајкл Клос (Канада), Демир Демироски – Мак охриѓанец кој живее во Германија и на охридските уметници Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски.

Охрид е град галерија. Градот и езерото биле и ќе бидат вечна инспирација на уметниците кои создаваат колективна меморија на еден град кому луѓето му доделуваат бројни епитети, истакна промоторот на изложбата, Милчо Јованоски.

Заеднички пријател на Мајкл, Демир, Наташа и Ѓоко им беше Др. Драган Спасески Охридски, сестран уметник, кому му беше посветена изложбата.

Драган Спасески Охридски по професија беше доктор ортопедски хирург. Ние Охриѓани го паметиме како исклучително надарен со безброј таленти. Галеријата „Резонанца“ беше дел од неговиот семеен дом. Во него најчесто ги изложуваше своите дела, а со поезија и сликарство освен во Охрид и Македонија, тој се претставуваше и во САД, Германија, Србија, Црна Гора. Паралелно со книгите и сликарството создаваша мултимедиујални проекти, а се занимаваше и со дизајн, посочи Јованоски.

На изложбата беа изложени над 40 дела насликани во различни техники.

  • Охрид е специјално место за мене. Мојата сопруга е од Охрид, а токму тука во Лапидариумот ја организирав мојата прва изложба овде во 1994 година. Повторното враќање тука буди многу емоции кај мене и претставува нешто навистина прекрасно, рече канадскиот уметник Мајкл Клос.

  • Не можам да ги опишам моите чувства. Над триесет години живеам во Германија и цел ми беше една од последните мои изложби да ги направам токму во родниот крај во што успеав заедно со мооите колеги, изјави Демир Демироски – Мак.

  • Драган беше човек кој живеесе за уметноста, поддржувач на убавото и искреното. Неговиот дух беше присутен вечерва во сите нас. А за сликите – сметам дека не треба да се потценува наративната моќ на облаците, за мене тие претставуваат филозофија на небото, метафора на мисли и страсти. Тие ја претставуваат кршливата природа на животот. Носат различно значење и емоција. Од магија до немир, многу слично како и бранот, рече Наташа Попоска Карче.

  • Ми претставува голема чест што во толку голем број дојде народот охридски на оваа изложба. Сум имал повеќе изложби но оваа е врв, барем кога станува збор за мене, истакна Ѓоко Симјаноски.

Настанот музички го збогати маестро Џевад Рамаданоски.

Изложбата ја помогнаа НУ Завод и Музеј Охрид, КИ 5 до 12, а медиумски помагатели бе Охридњуз и регионалната телевизија Тв М.

Фото галерија:

Прекрасна изложба на уметниците Мајкл Клос, Демир Демироски – Мак,  Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски во сеќавање на Драган Спасески Охридски

Г.М.
Фото: А. Момироска