Сите национални паркови и повеќе од 20 заштитени подрачја во Македонија доживеаја суштинска трансформација преку спроведувањето на Програмата за Подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансиран од Европската унија, спроведуван од УНДП и Министерството за животна средина, а со тоа земјата започна ново поглавје на начинот на кој управува со своите природни ресурси. Програмата вредна 4,3 милиони евра создаде примери кои во иднина ќе се унапредуваат, применуваат и на други места и кои јасно покажуваат кои се општествените и економски придобивки од ваквиот начин на управување со заштитените подрачја.

Модерни протоколи и опрема за следење на видовите и хабитатите, истражени и заштитени јами и пештери, пречистителни станици за над 2500 луѓе во заштитените подрачја, помош и едукација за 300 собирачи на шумски плодови на Пелистер, Маврово и Беласица, опрема за ренџерските служби со дронови, термални камери, возила и уреди за ноќно набљудување, чистење на наносите од реката Дрим кои го загадуваат Охридското Езеро, се само дел од проектите од оваа Програма кои се спроведоа во целата земја.

Среќни сме што денеска заедно со нашите партнери, со задоволство може да ги промовираме резултатите на сите 25 грантисти поддржани со овој проект, кои придонесоа земјата да се постави на глобалната карта на држави и влади кои инвестираат во заштита на природата и биодиверзитетот и управуваат со заштитените подрачја одговорно и одржливо. – изјави постојаната преставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.

Таа потенцираше дека и нашиот екосистем не е изолиран од комплексниот синџир на причини и последици од пандемијата предизвикана Ковид-19.

Уништувањето на хабитатите, загрозувањето на дивите животни, фабричкото земјоделство и други притисоци врз природата што ги прави човекот го стеснува движењето на животните на се помали области и се поблиску до контакт со човекот, што на крајот може да доведе до полесно пренесувањена болести од животните на луѓето. Токму затоа УНДП се залага за зелен план за закрепнување од Ковид што не само ќе се справи со последиците од пандемијата, туку ќе донесе и промена на нашиот однос кон природата што во иднина ќе ги намали можностите за ширење на пандемии. – додава Сахакјан.

Природата и биодиверзитетот се основни за нашите животи. Заштитата на природата и подобрување на одржливата употреба на природните ресурси претставуваат и европски вредности, а со воведувањето на Европскиот зелен договор Европската Унија направи чекор напред. Но, спроведувањето на овој договор бара стратегија и посветеност, вели Никола Бертолини, Раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија.

Владата и државата мора да ја финансираат заштитата на природата. Потребни се искуства, повеќе луѓе. Овој проект направи трансформација во управувањето на заштитените подрачја. Би бил среќен кога по година или две ќе ги посетам истите овие подрачја ќе видам дека веќе воспоставените практики сеуште се спроведуваат и од населението и од надлежните институции. – изјави Бертолини.

Вкупно 25 грантисти, Национални Паркови, општини и невладини организации во изминатите три години спроведоа проекти за заштита на природата во рамки на Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна 4,3 милиони евра, финансирана од Европската унија, а ја спроведуваа Програмата за развој на Оединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

OhridNews