Утревечер во 21 часот во село Велестово со поетски портрет на македонската поетеса Лидија Димковска, започнува 34. Поетска ноќ во Велестово. Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата.

Официјално, програмата ќе започне во Велестово на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а наши специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Димковска е добитничка на бројни награди за проза и поезија, особено позната актуелно како добитничка на минатогодишната награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, истакна програмскиот директор Јулијана Величковска образложувајќи ја програмата на денешната прес конференција.

Традиционално, додаде Величковска, секоја година има и ликовна изложба, а годинава тоа е ликовната изложба „Плачот на Адам“, на уметникот Никола Пијанманов, која ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во 22:00 часот, а настанот ќе го отвори со мал музички концерт охриѓанецот Горан Папаз.

Програмата трае три дена и ќе продолжи во сабота со настанот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“. Во рамки на овој настан ќе се претстават пет поети од регионот, Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бактијаревиќ (Србија), Диме Данов (Македонија) и јас Јулијана Величковска (Македонија). Ќе имаме и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот. Работилницата ќе се одржи во 11 часот во Касарна Хаб, а поетското читање со почеток од 18 ч. во кафе и бар „Шила“ во Охрид, вели Величковска.

Покрај споменатите поети на манифестацијата ќе настапат и Ким Симонсен од Фарските Острови,  професор на универзитетот во Амстердам и организатор на слични манифестации, Ана Голешка Џикова, Алеш Мустар од Словенија и Зоран Јакимоски од Охрид.

Фестивалот ќе заврши во недела, на 21 август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би ја подигнале свеста за екологијата.

Поетот и дел од организациониот одбор Славе Ѓорѓо Димоски изрази задоволство што манифестацијата влезе во една сериозна зрелост и искачување на некои висини.

Нашата манифестација Поетска ноќ во Велестово веќе го зема приматот на најзначајните манифестации во Македонија. Уште од стартот се наметна со својата оригиналност и успеа да стане еден вид антологија на македонската поезија и сликарство. Во својата 20 годишнина помина во интернационална манифестација. Ја имаат посетено доста значајни имиња. Манифестацијата има двојна улога едната е да си го заштитме македонскиот јазик, а другата е преку манифестацијата и гости однадвор јазикот да го пренесуваме надвор од нашите граници, бидејќи знаеме какви црни облаци ни се спуштаат. Мислам дека со убавиот збор, со поезијата, која претставува есенција на еден јазик ќе се зачува ќе се одбрани и ќе се оди напред, додаде Димоски.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, од Општина Охрид, од Комерцијална банка АД Скопје, како и од програмата на РЕАД ‒ Регионална Мрежа за Културна Разновидност, поддржана од Европската Унија, и други спонзори и пријатели.

Н.С.Ј.