Преку проект реализиран со финансиска поддршка на Амбасадата на Швајцарија, а во соработка на германската компанија за автоделови „Костал Македонија“ и ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ во Охрид, ќе се спроведува дообука на наставен кадар, како и на ученици од дуалното средношколско образование од центарот.

Четиринаесет професори и дваесеттина ученици наредните шест месеци активно ќе бидат вклучени прво во оналјн-теоретска, а потоа и практична настава во „Костал“ каде ќе стекнуваат со знаења за високо-технолошки производствени процеси, со цел на подобар начин да можат на сегашните и идните ученици од ЕМУЦ да им ги доловат потребните вештини и знаења потребни за стекнување статус на квалификуван кадар.

На тој начин учениците што ќе го завршат средното образование ќе имаат многу подобра и поквалитетна основа за во иднина, независно дали ќе бидат веднаш вработени или ќе решат да го продолжат своето образование, рече Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“.

Ова е трет проект што „Костал“ го реализира во соработка со Швајцарската амбасада. Претходно беа обучени и креирани 38 работни места за квалификуван кадар во компанијата, а реализирана е и донација во опрема и обука за подобрување на знаењата и способностите, како на учениците така и на нивните ментори.

Амбасадорката Сибил Зутер Техада укажа на искуствата во Швајцарија, каде две третини од средношколците ги стекнуваат своите вештини, знаења и идни професии токму преку дуалното образование односно со квалификувана настава за одредена струка, наспроти вообичаеното гимназиско образование.

Приватниот сектор е двигател на процесите на квалификувано образование, тие најдобро знааат каков кадар е потребен на пазарот на труд. Тој квалификуван кадар обезбеден преку системот на дуалнот образование во идно време е предуслов неопходен за развој на економијата и на државата во целина, рече таа.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, истакна дека Општината ги поддржува сите иницијативи и модели на соработка на средноколските установи во градот со компаниите од регионот, што се обмислени за подобрување на наставата во техничките струки и во создавањето квалификуван кадар што во иднина ќе одговори на барањата на компаниите.

Системот на дуално образование што веќе успешно функционира во ЕМУЦ во Охрид, на компаниите им овозможува да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците имаат можност да бидат обучувани директно во компаниите и во реални работни односи, рече Георгиески.

Моментално во ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ дуално образование следат 73 ученици, од кои 52 во струката „техничар за индустриска мехатроника“ од прва до трета година, додека останатите 21 учат прва и втора година за звањето „производно машинство“.

Со поддршка на Швајцарската амбасада и Костал до квалификуван наставнички и производствен кадар за потребите на економијата во Охрид

OhridNews