На инцијатива на уметницата Лида Шерафатманд од Малта, која две години живее и твори во Струга, ќе се доделува награда од 100 евра за граѓаните кои доброволно ќе се погрижат за чистење на градот, а ќе го докажат тоа со фотографија.

Наградата е со цел да се поттикнат индивидуи, кои се грижат за чистотата на градот, особено јавните простори за кои и работниците на комуналното претпријатие се грижат да бидат чисти. Наградата изнесува 6100 денари и ќе се доделува на 25-ти секој месец, по селекција од приложените фотографии од „пред и потоа“ чистење на местото, појаснува Шерафатманд во изјава за „Миа“.

Направените фотографии од јавен простор кој е загаден со ѓубре и по чистењето, како и податоци и контакт телефон од испраќачот или групата, треба да се испратат на [email protected] почнувајќи од 1 јануари 2021 година. Победникот ќе биде избран според големината на исчистениот простор прикажан на фотографиите.

Ја сакам прекрасната Струга и сакав да направам нешто добро за градот, изјави Шерафатманд за МИА, која подготвува колекција од уменички дела базирани врз флоралното наследство на територијата на општина Струга за природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“. Проектот е поддржан од јавното претпријатие „Комунално“, Стушкиот музеј, како и приватни компании.

OhridNews