Последиците од економската и енергетската криза и лошото владеење во општеството претставени преку креативните вевчанци попладнево симболично изгореа во центарот на Вевчани, во рамките на завршниот дел од Вевчанскиот карневал.
Василичарите го изиграа традиционалното оро и ги запалија маските со што, според верувањето, го избркаа злото и прочистени ќе имаат среќна и бериќетна Нова година.
Иако палењето на маските, според Александра Велкоска, туризмолог од Вевчани, е понов обичај, сепак вели е добро прифатен меѓу населението и станал дел од традицијата.
Палењето на маските има значење за злото да не се повтори во Новата година, односно Новата година да почне чиста и бериќетна. Вевчанци со тоа го означуваат крајот на карневалот, а веднаш потоа почнуваат да мислат нова маска за следната година, посочи Велкоска.
Вевчанскиот карневал со речиси 15 вековна традиција, со својата автентичност и обичаи се разликува од останатите карневалски манифестации, пред се поради симболиката, но и ведриот дух на василичарите, кои 365 дена во годината живеат токму за дефилето под маски. Двете василичарски друштва Горна и Долна маала, се натпреваруваат кој ќе има по креативни и по уникатни маски.
Вевчани изминативе два дена наликува на отворена театарска сцена, а досетливите вевчанци на несекојдневен и сатиричен начин ја отсликаа негативната состојбата во општеството.
OhridNews