Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва од Горна и Долна Маала во центарот на Вевчани, денеска попладне ќе заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал.

Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и оти ќе имаат среќна и бериќетна година. Уште од утре тие ќе почнат да планираат во што ќе се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат. Инспирирани од актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин ги исмеваат, но и упатуваат силни пораки кон политичарите и општеството.

Во дводневна посета на Општина Вевчани престојува амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј. Како што информира градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, покрај посетата на Вевчанските извори и отворените изложби во мултикултурниот центар, амбасадорката за време на посетата на општина Вевчани ќе има можност во целост да ги проследи случувањата на традиционалниот Вевчански карневал.

На средбата со амбасадорката имавме можност да поразговараме за заштитата на животната средина, природата, економскиот развој, туризмот, вели Кочовски.

Претходно, Кочовски, оствари средба и со Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз. Престојот во Вевчани, амбасадорката го искористи за посета на Вевчанските извори, мултикултурниот центар, а го проследи и дефилето под маски во рамките на Вевчанскиот карневал.

На средбата разговаравме на повеќе теми меѓу кои образование, култура, туризам и заштита на животната средина, како и во врска со можноста за идна соработка во рамките на проектот на амбасадата за подобрување на капацитетите на општините за мобилизирање на ресурси, вели Кочовски.

Инаку, се претпоставува дека Вевчанскиот карневал постои повеќе од 15 века и со него се одбележува христијанскиот празник свети Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијански календар.

OhridNews