Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј. Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот.
Поворката ја предводеа традиционалните маски со зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави Августи, веднаш зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани.
Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, без сценарио и режија, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.
Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
OhridNews