„Сосиете“ доби збирка монети заштитени со закон
Не е јасно како монетите, од 6 век пред новата ера до 19 век, влегла во пакетот за продажба на банката
Француската групација „Сосиете женерал“ сосе Охридска банка ја купила и нумизматичката колекција со 1.700 монети, која е прогласена за културно наследство на Република Македонија. Во моментот не е јасно под кои услови збирката монети, временски определени од 6 век пред новата ера до 19 век, влегла во пакетот за продажба на банката. Иако биле сопственост на Охридска банка, откупени со пари од банката, монетите станале државен интерес во моментот кога биле регистрирани како колекција ставена под закрилата на Законот за заштитата на културното наследство.
На прашањето дали француската групација, кога го обезбедила управувачкиот пакет во Охридска банка во април годинава, ја купила и нумизматичката колекција, Мито Ѓорески, втор генерален директор во банката, рече:
– Колекцијата беше на Охридска банка. Кога „Сосиете женерал“ ја купи банката, ја купи и колекцијата – кусо одговори тој.
Ѓорески не прокоментира дали Французите биле информирани дека колекцијата е ставена под заштита, само додаде дека договорот бил склучен меѓу два правни субјекта и дека во случајот има многу „правни елементи“.
Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, потврди дека колекцијата е регистрирана како културно наследство на Република Македонија.
– Не ми е јасно како можело ова да се случи. Во секој случај, збирката не може да се отуѓува ниту да се носи во странство. Според Законот за заштитата на културното наследство, новиот купувач си ги презема обврските кон колекцијата. Со ревалоризацијата на културното наследство што се прави во целата земја, ќе направиме контрола и врз охридската колекција – рече Кузман.
Иницијативата за формирање нумизматичка збирка ја дал покојниот Најденко Попоски, прв генерален директор на Охридска банка, со која раководел од 1987 година. Тој сакал колекцијата да му ја подари на Охрид. Во 2002 година ја ангажирал Даница Размоска-Бачевска, советник-археолог во охридскиот Завод и музеј, да почне со откупот на монети. Две и пол години траел откупот на нумизматички материјал, кој содржи примероци од целата територија на Република Македонија.
– Монетите се обработени и изложени според највисоките европски стандарди. Датираат од 6 век пред новата ера до 19 век. Во колекцијата има 1.700 примероци, значајни за монетоковањето во Македонија низ историјата. Колекцијата е значајна како национално богатство на Република Македонија, регистрирана е и ставена под заштита на државата и не може тукутака да биде отуѓена – вели Размоска-Бачевска.
Во колекцијата има монети од македонските кралеви, од 5 век пред новата ера до 2 век – од Александар Први до последниот македонски крал Персеј, кој владеел до 168 година, кога Македонија потпаднала под римска власт. Има монети од Филип Втори, Александар Трети Македонски, од Пердика, Аминта, од цела плејада македонски владетели, објаснува Размоска-Бачевска.
– Има ретки монети што биле ковани во Ајгаи, првата престолнина на македонската држава, во Пела, втората престолнина. Има примероци од автономното ковање на македонските градови Тесалоника, Амфиполис, Пела и други. Тие се многу значајни за македонската историја. Преку колекцијата може да се проследи целата политика и економија на Македонија од антички времиња до денес – вели Размоска-Бачевска.
Таа вели дека колекцијата содржи и монети од римскиот републикански и царски период до падот на Римското Царство, од раниот византиски период, времето на Јустинијан Први, на Јустин и нивните наследници. Има монети ковани во злато, сребро и бронза. Византиската хронологија се следи од 12 до 14 век – времето на Комнените, Ангелите и на Палеолозите. Има српски сребрени динари од Драгутин, Урош Први, од Стефан Душан, од Волкашин и од Марко. Во колекцијата има и венецијански грошеви од венецијанските дуждеви од 13 и 14 век.
Размоска-Бачевска вели дека колекцијата денес не е отворена за посетители.
– Никогаш не била сосема отворена за јавноста, бидејќи нема кустос што би можел да ги прошета гостите низ историјата на Македонија. Но порано барем можеше да се прават групни посети. Сега ни тоа не се случува. Како некој намерно да сака да ја забошоти нумизматичката збирка – вели таа.
Книгата-каталог за монетите се чува во подрум
Сомнителна е и судбината на книгата-каталог „Монетите од нумизматичката збирка од Охридска банка“, што Даница Размоска-Бачевска ја подготвила со Перо Јосифовски и Маја Хаџиманева, нејзини колеги-нумизматичари од Скопје. Осврт на книгата дале византологот Цветан Грозданов, актуелен претседател на МАНУ и реномираниот археолог Вера Битракова-Грозданова.
– Помина половина година откако излезе од печат, а досега немало ниту промоција ниту може да се најде во некоја книжарница. Печатена е во 1.000 примероци, а одвај можете да дојдете до неа. Колку што знам, сите примероци се чуваат во Охридска банка, која ја финансираше подготовката. Но нејзината намена не беше да заврши во кутии во подрум, туку пред очите на јавноста – вели Размоска-Бачевска.
Извор: Дневник