Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, информираа за владината мерка Обука кај познат работодавач.
– Целта е да ги информираме невработените лица и приватните компании за новата можност која што е ставена во функција односно за Обука кај познат работодавач, мерка за која што во текот на утрешниот ден ќе излезе јавен повик за сите невработени лица активни баратели на работа и за приватните компании”, истакна Спасов. Тој појасни дека со мерката се планира оваа година да се опфатат 1000 невработени лица за чија што реализација се обезбедени 22.600.000 денари, во буџетот на Агенција за вработување преку ИПА програмата односно 2 грант за Агенцијата за вработување.
Обуката ќе се реализира во реални работни услови на работните места кај приватните компании кои што ќе аплицираат за искористувањето на оваа мерка при што, невработените лица ќе имаат можност за обука на работно место во период од 3 месеци за што ќе добиваат по 6200 денари месечно заедно со осигурување при повреда при работа. Приватните компании ќе добијат финансиски надоместок за реализација на обуките за невработените лица во износ до 25.000 денари.
Примателите на социјална парична помош кои ќе учествуваат во мерката ќе продолжаат да го остваруваат правото за време на обуката. Новитет е тоа што Агенцијата за вработување го воведува и меил системот за информирање на приватните компании, практичо од утре па натаму сите приватни компании во Р.Македонија ќе бидат информирани преку електронска пошта за можностите кои што ги има односно за огласите кои што се објавуваат во соработка со АВРМ додека пак како и досега односно минатата година ќе се продолжи со СМС информирање на невработените лица кои што се активни баратели на работа и кои што сакаат да учествуваат во овие мерки кои што им се нудат на невработените лица.
Од министерството информираат дека досега од оваа мерка се склучени 7046 договори за обука, при што вработени се 5034 лица а сеуште работат 4471 лице.
OhridNews