Заноските измени кои ги предвидува новиот Предлог закон за административни службеници. Според предлогот, работното време на администрацијата би се скратило од 40 на 36 часа неделно.
Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено, стои во став еден од член 55 од Предлог законот за административни службеници.
Во став 2 од истиот член стои дека за неполно работно време на административните службеници ќе се смета работното време кое е пократко од 36 часа неделно, а ќе се остварува согласно со закон.
Предлог законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар за прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), на 17 септември, а нов закон, според Министерството за информатичко општество и администрација се носи врз основа на заклучокот од анализите кој покажал дека треба да се менуваат повеќе од веќе постоечките членови од моменталниот Закон, па место измена се пристапи кон подготовка на целосно нов Закон за административни службеници.
Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но, по пет годишна примена на законот на површина излегоа голем број на практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен. Министерството за информатичко општество и администрација имаше интенција да подготви измени и дополнувања на законот врз основа на практични забелешки од оние кои го применуваат законот, но со оглед на фактот дека од анализите и добиените забелешки произлезе дека треба да се менуваат повеќе од 1/3 од постојните членови се пристапи кон подготовка на целосно нов закон, во кој основата е веќе постојниот Закон за административни службеници, се вели во описот на Предлог законот.
На официјалната страна од ЕНЕР, Предлог Законот е отворен за коментирање и доставување предлози уште 6 дена.
OhridNews