Туристичката понуда во Охрид мора да се збогати со бројни дополнителни содржини со цел проширување на сезоната надвор од летниот период кога регионот го посетуваат најголем број гости, велат туристичките експерти.

  • Содржина мора да постои, никој не доаѓа само да преспие. Гостите доаѓаат со одредена причина. Највеќе ќе се фокусираме на тоа како да се развијат дистрибутивните мрежи на продажба на капацитетите, како да се оди во чекор на конкуренцијата, вели Александар Богоевски, дипломиран менаџер по туризам и инструктор за продажба и дистрибуција, предавач на работилницата организирана од страна на Свис контакт–швајцарската агенција за развој и соработка, што се одржува во Охрид.

Пред охридските сопственици на сместувачки капацитети со мал обем, Богоевски им ги презентира можностите за зајакнување на продажните капацитети.

Богоевски кој зад себе има големо искуство во менаџирањето во областа на туризмот, додава дека понудата во Охрид е добра, но во текот на летните месеци и дека за проширување на содржините неопходна е поддршка и од локалната власт.

  • Да се внесат дополнителни содржини како што е планинарење, риболов, скијање, тури за посета на интересни места во околината…кои би се продавале и вон главната сезона. Има многу примери кога поединци во Охрид веќе ги вклучуваат во понудата таквите пакети, но не може поединци да извршат продолжување на сезоната, додава Богоевски.

Работилницата се состои од три дела, при што се работи врз швајцарски модел, преку кој на сопствениците ќе им се дадат совети и за тоа како да ги искористат современите дистрибутивни канали за подобрување на продажбата.

Работилницата во Охрид насловена „Како до нови канали на продажба и дистрибуција преку реален пример“ е во рамки на Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

OhridNews