Црковните чествувања започнуваат вечерва во 19 ч., со празнична вечерна богослужба во манастирот „Свети Наум Охридски“ на која ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со повеќемина свештенослужители.
Се очекува вечерва голем број православни верници од Охрид, околните градови, соседните држави, како и Македонци од дијаспората, да го посетат манастирот „Свети Наум Охридски – чудотворец“ за да го одбележат празникот посветен на големиот православен светец.
Утре со почеток од 9 часот на празникот на Преподобен Наум Охридски Чудотворец, ќе се служи света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствуваат Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, со повеќемина свештенослужители.
Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ низ вековите важел за култно светилиште каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ.