Искрени љубители на риболовот алармираат дека во каналот Студенчишта од страна на неодговорни поединци кои се обидуваат да се затскријат помеѓу рекреативците, незаконски се врши лов на риба со недозволен алат, кој е исклучително опасен по живиот свет.

Направен е цел систем од јадици со разни големини кои буквално ги масакрарираат јатата риби кои презимуваат во каналот Студенчишта. Најмногу страдаат плашицата и крапот, укажуваат рекреативните риболовци, додавајќи дека се згрозени од ваквиот неодговорен однос на поединци кои никој не ги санкционира.

Се ловат маломерни примероци, а кој знае што се случува под вода каде се „фрла“ опасниот риболовен алат кој го пустоши рибниот фонд во каналот, велат одговорни рекреативни риболовци. Бараат итна реакција на надлежните служби и полицијата со цел да се спречи уништувањето на рибниот фонд.

Рекреативниот риболов претставува задоволство и разонода за голем број граѓани кои ги почитуваат и пишаните и непишаните правила. Исто така рекреативниот риболов може да биде и силен адут во развојот на туризмот, но само доколку рибниот фонд соодветно се штити, обновува и чува, а изловот внимателно се контрилира. Во моментов тоа е далеку од така предупредуваат загрижените рекреативци кои го актуелизираа проблемот со неконтролираниот излов на риба во каналот Стуиденчишта со недозволен алат во надеж дека институциите ќе реагираат и ќе преземат конкретни мерки.

Г.М.