Традиционално на 12 јули, ќе биде крената завесата на најголемата културна манифестација кај нас, Фестивалот „Охридско лето“.  Педесет и осмото издание на „Охридско лето“, ќе биде отворено со концерт на светски познатата оперска певица од Романија, Елена Мошук, која ќе настапи заедно со тенорот Калин Братеску, исто така од Романија и оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану.

-На ден пред почетокот на годинешново фестивалско издание можам да најавам дека сè е подготвено за беспрекорна реализација како за свеченото отворање, така и за останатите 40 фестивалски денови. Подготвени сме да ги пречекаме сите гости, да бидеме добри домаќини на над 800 врвни уметници од 27 држави од Европа и целиот свет. Нè радува и фактот што интересот за резервации посебно за Свеченото отворање е голем. –  изјави Сузана Вренцовска, в.д. директор на „Охридско Лето“.

Оперската певица Елена Мошук, истакна дека и претставува чест што ќе настапи на реномиран фестивал како „Охридско лето“.

-За „Охридско лето“ немав слушнато и кога ја добив поканата истражував малку на интернет. Ме фасцинира богатата историја на фестивалот на кој имаат настапувано уметнички ѕвезди од светски калибар. Почестена сум што и јас ќе имам можност да настапам тука. – рече Мошук.

На репертоарот на отворањето на 58 „Охридско лето“ ќе бидат популарни италијански дела и француски арии. Подготовките кои траеја подолг период ќе финишираат со генерална проба вечерва на Античкиот театар.

-Исклучително сум задоволен од перформансот и квалитетот на Македонската филхармонија. Се подготвувавме интензивно во затворен простор, но настапот на отворено е нешто сосема друго.  Вечерва ќе го почувствуваме амбиентот на Античкиот театар, каде верувам дека  утре вечер, публиката ќе ужива во избраните дела кои ги подготвивме за отворањето на фестивалот. – рече романскиот диригент Николае Молдовеану.

Уметниците кои ќе настапат на отворањето на „Охридско лето“ ги поздрави градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, кој најави дека градот ќе продолжи да го поддржува фестивалот.

-Како локална самоуправа отсекогаш сме го поддржувале овој фестивал, тоа ќе продолжи и понатака, затоа  што „Охридско лето“ е најпознатиот бренд кој го истакнува Охрид како културна дестинација во светот. – рече градоначалникот Стојаноски.

По повеќе години пауза,  отворањето на фестивалот „Охридско лето“, што се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура, а под покровителство на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, ќе биде збогатено со голем огномет.

Г.М.
Фото: „Мега продукција“