„За Охрид фин – зелен и син“ е насловен културно-едукативниот настан кој ќе се организира во Охрид по повод светскиот ден на Планетата Земја, на 22-ри април. Во рамки на настанот кој има за цел да ја подигне еколошката свест кај граѓаните, пред сè, за заштита и зачувување на водите на Охридското Eзеро, планирано е да се одржи музички хепенинг, фото-работилница и ликовен перформанс.

Организатори на настанот се Здружението за унапредување на меѓусебна доверба „ТАКТ“, Здружението за заштита на животни „Анималиа“ и Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“.

Во рамки на програмата свое обраќање ќе имаат професорот Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт од Охрид на тема „Охридското Езеро и неговите обележја во светски рамки“ и професорот Теута Ѓуладин-Хелон на тема „Светските еко-трендови и влијанието врз животната средина“. Настанот ќе го поддржи и Дејан Пановски, од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Во делот на забавниот дел ќе настапат Игор Џамбазов и Дамјан Пејчиноски, Тони Зен, The Hounds и Леа, Јана Гигова, The Quartet, ФЛЕКА – Acoustic Act, стендап артистот Никола Тодороски и Енис Хилми кој ќе чита избрана поезија. Модератори на настанот ќе бидат Лејла Гогова и Жанко Голабоски.

Исто така во рамки на ативностите за одбележување на светскиот ден на Планетата Земја биде прикажан краток анимиран филм, ќе се организира Фото-работилница предводена од Румен Ќамилов „Порака во шише“, а ќе се одржи и Ликовен перформанс со Симонида Филипова Китановска, Илина Арсова, Марија Боздогановска. Како дел од настанот ќе има и работилница за рециклирачка уметност (Ре – ЦиГла – жа) со Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, Славица Шекеровска – лотосов цвет и риба на суво, а активистите на „Анималиа“ и „ЕДЕН“ ќе постават штанд за подигнување на свеста за животните и животната средина.

OhridNews