Да се врати љубовта и почита на младите кон природата како и да се подигне нивната еколошката свест е главната цел на тридневниот музички фестивал “Аларм за природата”, кој ќе се одржува од  25-ти до 27-ми јуни, во  Љубаништа.

За сите посетители, организаторите најавуваат 3 сцени (main, dance, alternative) со 24/7 музичка програма, преку 100 артисти и ДиЏеи, кино, театар, фудбал, ликовни колонии, како и можност да се сончаат и да се капат во водите на Охридското Езеро. Во музичкиот дел  ќе може да се видат настапите на  „Суперхикс“, „Лет 3“, „Лету штуке“, „Парасенс“, „Тролд“, „Мизар“, „Зостер“, „Бла Бла Бла“, „Бернајс пропаганда“, „Смат“, „Дедикејтед фор лајф“, „ТБ Трачери“, „Фолтин“ и „Љубојна“. 


-Покрај забавата, фестивалот вклучува и работа на проекти, предавања,  како од еколошка така и од областа на музиката и уметноста. Тоа ќе придонесе за будење на чувството на поврзаност и меѓузависност помеѓу човекот и природата и за спроведување на здрав начин на живот во хармонија со природното окружување,
велат организаторите од Литиум рекордс.

По осум години пауза, „Аларм за природата“ е второ издание на АЛАРМ фестивалот. Првото издание, АЛАРМ 1, се одржа во авто кампот Љубаништа- Охрид, во 2002 година.

OhridNews