Со мултимедијален проект насловен „Спокоен сум ко врвот…не прашувам зошто сум се извишил“, утревечер, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ќе се одбележат 30-години творештво на познатиот ликовен уметник и поет, Драган Спасески Охридски. Воедно, се одбележуваат 30 години од првата негова самостојна изложба што се случила во 1989 година, кога Спасески Охридски го изработил првиот мултимедијален проект во Македонија „Апокалиптичен нарцис“.
- Проектот со кој го одбележувам јубилејот се состои од два дела. Едниот дел е промоција на книга со ист наслов како и проектот „Спокоен сум ко врвот…не прашувам зошто сум се извишил“ и е пресек од досегашното мое творештво што ќе биде презентирано во катедралната црква Света Софија со почеток во 21 часот. Промотор ќе биде проф.д-р Кристина Николоска, стихови ќе чита актерот Димитрие Доксевски. Другиот дел ќе се одвива на терасата „Аквариус“ во 22 часот, каде што исто така ќе биде презентирано дел од моето творештво, „Охридските ангели“, компјутерска графика.Гости ќе бидат „Кукузел“, млади уметници кои се занимаваат со музика, најави Драган Спасески Охридски.
Неговиот долгогодишен пријател и колега, градоначалникот Константин Георгиески, вели дека за Охрид е вистинско богатство да се има еден сестран интелект како што е Спасески Охридски.
- Честитки за јубилејот на едно извонредно творештво на повеќе полиња, да му се заблагодарам за сите совети и патишта на кои ме насочил во животот. Како градоначалник, да му се заблагодарам во името на граѓаните на Охрид и да му кажам дека е право богатство да имаме еден ваков сестран интелект во градот, а потоа и доктор, уметник, и пред се човек. Со задоволство едвај чекам да ја видам изложбата, сум ги видел повеќето негови изложби и ги повикувам сите љубители на уметноста да дојдат и уживаат во прекрасните дела на Драган Спасески Охридски, рече градоначалникот Георгиески.
Спасески Охридски за изминатите 30 години вели дека се случиле многу промени и дека самиот тој е многу поразличен споредено со неговите почетоци како уметник во 1989 година.
- После се она што сум направил за овие изминати 30 години, сега објавувам десетта книга и секоја е мултимедијален проект, бројни одржани изложби, со многу вложен труд во секое поле на уметноста и затоа велам: „спокоен сум ко врвот…не прашувам зошто сум се извишил“. Задоволен сум од се она што сум го направил досега. Мојата порака е “Kолку човек има повеќе пречки во животот, подалеку стигнува“, нагласува Спасески Охридски.
Драган Спасески Охридски е роден во 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург. Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Т.К.