Зголемување на еколошката свест, лоцирање нелегални депонии и собирање отпад е целта на летната академија на асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ која се одржува во Струга.
Претседателот на „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски денеска информира дека утврдиле колку точно отпад има во Македонија, а потоа изработиле мобилна апликација за мапирање на нелегалните депонии.
„Бевме поттикнати од потребите на граѓаните за справување со проблемите од отпадот, кој за жал се навистина големи. Прво утврдивме колку точно отпад има во Македонија, бидејќи немаме официјален податок, иако општините знаат кои се нелегални отпадни локации, но немаме целосна слика и ефикасен систем кој би го мониторирал тоа. Се разбира ќе работиме тој отпад да се исчисти и да не се повторува“, истакна Јосифовски.
Тој додаде дека користејќи ги придобивките на новото време, граѓаните доколку видат нелегална депонија може да пријават на мобилната апликација.
„Граѓаните досега кога ќе сретнеа нелегална депонија требаше да одат во општина да поминат административни процеси за да пријават. Сега едноставно со мобилата апликација може да се мапира да напишат каков отпад има и колкав обем зафаќа“, рече Јосифовски, појаснувајќи дека ова ќе биде прв регистер за отпад во Македонија и ќе може да го користат општините, институциите и граѓаните.
Досега, според Јосифовски, 60-тина општини прифатиле дека откако ќе се мапира ќе го исчистат отпадот, а за 3 октомври најави голема национална акција на која очекуваат учество на 50.000 волонтерска акција.
„Имаме прекрасна природа и навистина е штета да продолжиме да ја загадуваме, да не ја исчситиме. Дека навистина треба нешто да преземеме укажува и примерот што холандски туристи се враќале од тури низ Галичица често со полни торби ѓубре кое ние сме го фрлиле. И навистна е смешно ние како домаќини да го фрламе и друг да ни го собира ѓубрето и да не се освестиме да го собираме“, рече Јосифовски.
Програмскиот координатор на проектот, кој се реализира со поддршка на Британската Амбасада во Скопје, Стефан Маневски информира дека во Академијата на „Ајде Македонија“ членуваат 27 еколошки организации од Македонија Србија и Албанија.
„Идејата е да воспоставиме регионална соработка меѓу младите и заеднички да пристапиме до институциите на локално и национално ниво, а потоа и до Обединетите нации со цел нашиот глас да биде чуен, бидејќи се работи за мали држави“, рече Маневски.
OhridNews
Извор:„МИА“