На репертарот на фестивалот „ Охридско лето“ вечерва е Шекспировата претставата „ Многу врева за ништо“ во изведба на актерите од Народниот театар Сомбор- Србија, а во режија на Ана Ѓорѓевиќ.
– Нашата претстава е конструирана како сон. Во нашиот „ сон“, во таа маѓепсана градина венчавката ги спасува луѓето. Нашите хорои се оние кои светот ги гледа како „ будали“. Една голема неправда која води кон катастрофа ја поправаат оние инфериорните , физички слаби, неуки, бидејќи лудите во нас и околу нас подобро ја гледаат реалноста отколку мудрите и учените, вели за претставата режисерката Ана Ѓорѓевиќ.
Во претставата игра и Саша Торлаковиќ кој се вбројува во петте најдобри актерски имиња во Србија и кој е добитник на бројни награди.
– Со големо задоволство играм во оваа претстава . Кога Шекспир се става на репертоар тоа е празник како за режисерот, така и за актерите. Кога ќе поченете да го работите Шекспир тоа е неисцрпен рудник кој отвара нови теми , иако е тешко да се одреди која од нив ќе биде доминантна. Оквирот на нашата претстава е женско- машкиот однос и тој сложен однос кој трае од настанувањето на Адам и Ева па се до денес . Она што е интересно е како една средина и елита е загледана во себе и не обраќа внимание каква неправда може да им нанесе на другите, вели Торлаковиќ.
Меѓу актерите во претставата се и младите Вања Ненадиќ и Александар Ристоски, кои сеуште студираат глума.
– Како студент да играш во претстава работена според текст на Шекспир е навистина чест и задоволство. Кога почнавме да ја подготвуваме претставата бевме во трета година. Иако оваа претстава спаѓа во оние кои се полесни Шекспирови комедии, адаптацијата на Ана извлече некои суштински теми како што се љубовта, моралот, неправдата. Мојот лик е претставен како најчист и невин, лик кој на еден зрел начин се обидува да се избори за љубовта, изјави Ненадиќ.
Претствата „Многу врева за ништо“ ќе се игра вечерва од 21 часот во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“.
OhridNews