За време на претстојниот празник на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот посветен на големиот светител, а храмот ќе биде отворен за верниците, со апел тие да ги ппчитуваат мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот.

Ние, како Црква, заедно и свештенството и народот, треба да знаеме дека ние сме создадени според образот Божји, ние сме икона Божја. Но, не сме само душа која лута, ниту само тело без душа. Бог нѐ создал и ни дал и душа, но и тело. Следствено ова, ние сме должни да се грижиме и за душата и за телото. Токму затоа, секогаш апелираме за почитување на мерките од Владата, зашто и Црквата е дел од оваа држава и се грижи за здравјето, телесно и духовно, на сите верници и на сите луѓе. Затоа сметаме дека со нашето внимание и со грижата за себе, но, пред сѐ, со грижата за нашите ближни, можеме да придонесеме во голем дел што побрзо да се ослободиме од ова искушение.
Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.- соопшти Дебарско – кичевската епархија.

Од епархијата информираат дека на 14 јуни во 19.00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, а на 15 јуни во 07.30 часот ќе започне Утрената богослужба, додека пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски ќе биде во 08.45 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09.00 часот, велат од  канцеларијата на Дебарско-кичевската епархија Охрид.

OhridNews