Директорот на ЈУНП Галичица, Васко Паскали и извршниот директор на Фондот за природа Преспа-Охрид(ПОНТ), Миријам де Конинг, денес, потпишаа Договор со кој Фондот ќе финансира дел од трошоците за тековното работење на ЈУНП Галичица за 2019 година.

Како што беше истакнато на чинот на потпишувањето на договорот, станува збор за иновативен пристап во поглед на финансирањето и управувањето со заштитените подрачја.

  • За прв пат во нашата земја се остварува соработка со фондација која нема за цел да реализира класичен проект, туку дава финансиска поддршка на тековното работење на установата во 2019. Ова е постигнато благодарение на позитивните резултати од работата на установата и капацитетите со кои располага. Се надевам дека соработката ќе продолжи и во иднина. Договорот е од големо значење за установата и е потврда дека се движиме по вистинскиот пат и дека некој ги вреднува нашите позитивни резултати, рече директорот на ЈУНП Галичица, Васко Паскали.

Финансиската поддршка од ПОНТ ќе придонесе за трансформација на работењето на Националниот парк Галичица од институција  која се финансира преку искористување на природните ресурси во организација која ќе биде финансирана од средства кои потекнуваат од туристички и алтернативни активности, фокусирајќи се на основната цел- заштитата на природата.

Потпишувањето на договорот следува после неколку месечни преговори и аплицирање од страна на ЈУНП Галичица на повикот за финансиска поддршка објавен од ПОНТ, чија финална одлука за финансирање беше донесена минатата недела во Франкфурт каде беше истакнато дека станува збор за доставена високо квалитетна апликација.

  • Ова може да е модел и за сите други национални заштитени подрачја. Средствата од ПОНТ сево висина од 147.000 евра, пари од германската влада преку банката за развој на KFW. Со средствата освен што ќе се поддржува тековната работа во 2019, ќе се помогне и во работата на новиот план за управување. Се очекува ваквиот начин на поддршка да продолжи и во наредниот период, изјави извршниот директор на ПОНТ, Миријам де Конинг.

Како што додаде Андон Бојаџи од ЈУНП Галичица, со овој чекор на паркот му се дава можност да врши заштита и управување со заштитеното подрачје на начин на кој тоа се прави во светот.

  • Од одржливо користење на природните ресурси со сеча на дрвата и продажба, сега тоа ќе се прави со меко користење на ресурсите, односно приходите ќе се остваруваат на други начини. Опфатени ќе бидат и активности за непосредна физичка заштита, но и за истражување и прибирање податоци за природните вредности како би можело квалитетно да се помине низ процесот на планирање-стратешко и оперативно, рече Бојаџи.

ПОНТ неодамна беше избран како победник на наградата Pathfinder за 2018 година која се доделува за извонредни и инвентивни решенија за заштитените подрачја.

Т.К.