Филмот „Мирно Лето“ познат како прва македонска филмска комедија, попладнево со почеток во 17 часот, во Центарот за култура, ќе ја отвори третата фестивалска вечер на првиот фестивал за ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ кој се одржува од 10-15 јуни во Охрид.

Специјално за градот Охрид, Фестивалот подготви  програма посветена на градот и на филмовите кои се снимени во Охрид и за Охрид. Програмата е насловена „Охрид на филм“. Филмот „Мирно лето“ е дел од оваа програма, е снимен во 1961 година во режија на Димитрие Османли а во главните улоги се појавуваат Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Петре Прличко, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Дарко Дамевски. Филмот раскажува едноставна приказна, преку која публиката не само што ги запознава ликовите, туку и менталитетот на еден народ. Откако Зоре и Мира ќе се преселат во Охрид, кај нив еден по еден ќе почнат непрекинато да доаѓаат роднини и пријатели и да ја полнат куќата каде престојуваат.

Документарниот босанско-српски филм „Неидентификувани“  со Марија Ристиќ и Немања Бабиќ, следи две приказни фокусирани на воените злосторства извршени во четири косовски села и во подоцнежните операции за прикривање на тие дела. Пролетта, 1999 година, во тек на само неколку дена убиени се голем број албански цивили од страна на српските воени сили. Заштитениот сведок, некогашен член на т.н Шакали, една од наозлогласените единици на војската на Југославија распоредена на Косово, одлучил јавно да проговори. Филмот се базира на двегодишно истражување и, за првпат ги открива имињатапретпоставените кои ги издавале овие наредби.
Шпанскиот „Приказна за заробеништво“ на Давид Моралес е документарен филм од 70 минути е приказна за затворите за мигранти без документи кои не сториле сериозни кривични дела.

Кратките филмови што ќе се прикажат на третата веер „Сирија, љубов моја“ на Хаук Матевосјан од Ерменија и српскиот „Денот на Петар“ на авторот Ана Сремац.
На Фестивалот, кој треба да заврши на 15 јуни, покрај проекциите на филмови, ќе одржи и работилница на која анализираат 10 долгометражни филмови од различни децении низ Националната кинематографија. Целта на работилницата е елаборирано докажување на неизбежното постоење на аспектот на „Патосот“ во македонската кинематографија и јазик. кој служи како ултимативна и основна карактеристика на филмскиот наратив.

OhridNews