Во рамки на Младо театарско Охридско лето, вечерва, со почеток во 21 часот во дворот на основното училиште „ Св. Климент Охридски“  публиката ќе може да ја проследи претставата „ Со љубовта шегување нема“ во изведба на битолскиот Интимен театар кој е основан во 2010 година .

–  Театарот што го правиме не е класичен, конвенционален драмски театар. Работиме многу со документарни материјали, разработуваме теми што нас не интересираат. Во оваа претстава го гледаме проблемот на индивидуата и единката наспроти стстемот во кој живееме, наспроти капитализмот, наспроти парите, зборуваме за тој еден ринг во кој човекот е поставен наспроти финансиите, за тоа како капиталот го јаде човечкото во човекот. Зборуваме за човекот во нашата средина, за луѓето кои емигрираат и кои се во потрага за подобро утре- понекогаш го наоѓаат,  но многу често се жртви на понекогаш јаловата желба да се замине. Зборуваме за проблеми , нашата претстава да ја гледа публиката како збир на проблеми за кои ние зборуваме, вели режисерот на претставата и директор на Интимен театар, Софија Ристевска.

Во претставата играат актерите Катерина Аневска, Здравско Стојмиров и Стефанија Милевска.

Соработката со Софија за мене е благодет и исклучително голем предизвик кој секој актер би го посакал. Се работи за физички театар каде преку физичко дејство ја пренесуваме главната идеја за претставата која поставува многу прашања кои сите не мачат – дали капитализмот е поважен од љубовта , вели актерката Аневска.

Топло ја препорачувам претставата која нема никого да го остави рамнодушен. Нудиме една динамична игра,за прв пат ја играме под отворено небо и се надевам ќе добие различен призвук, вели актерот Здравко Стојмиров.

Како што нагласува режисерката претставата е повик за создавање на еден похуман, посолиден и социјално рамноправен свет каде што индивидуата ќе има право на слобода и љубов, затоа што точно игнорирањето на овие две категории може да не чини многу.

OhridNews