Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид кои беа затворени во средината на март, од 1 јули 2020 година повторно ќе бидат отворени за патување, со нови правила согласно протоколите за заштита од ширење на COVID-19.

Првиот лет од Охридскиот аеродром по паузата, ќе биде реализиран на 1 јули, во 12:30 кога се очекувга слетување на авионот од  Цирих, Швајцарија на компанија Chair Airlines. Истиоот авион во 13:30 часот од Охрид ќе полета за Цирих.

На 1 јули во 17:15 на Охридскиот аеродром планирано е слетување на уште еден авион на компанијата Визер од Милано, кој во 17:45 часот од Охрид ќе полета за аеродромот Малпенса.

Првиот чартер лет, пак, на аеродромот во Охрид се очекува на 5 јули од Варшава.

Поради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, предвидени се посебни протоколи и безбедноси правила кои ќе важат на аеродромите. Пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агенти за безбедност на компанијата и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, кои ќе бидат поставени на самиот влез од аеродромската зграда.

Како што информира ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините. Се интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромите, додека пак вентилацијата во терминалната зграда е исто така зголемена, соопшти компанијата.

Со оглед на новите правила за патување наметнати од глобалната пандемија предизвикана од КОВИД-19, некои од аеродромските процедури ќе се одвиваат побавно, велат од ТАВ Македонија. Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, компанијата ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување. Истата е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.

Од ТАВ Македонија нагласуваат дека во делот на безбедносната проверка патниците ќе треба дисциплинирано да ги следат упатствата на агентите за безбедност, и таму, како и при сите процедури каде што се создаваат редици, потребно ќе биде да се држи пропишаното физичко растојание. Сите површини кои се во допир со патници на овој пункт исто така се дезинфицираат зачестено, додека пластичните корпи во кои патниците го ставаат багажот, ќе се дезинфицираат по употребата.

При Излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.

Г.М.