Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: „измама“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „посебни случаи на фалсификување исправа“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 44- годишно лице од Прилеп.

Со цел да прибави противправна имотна корист, пријавената, на осми јули оваа година, во хотел во Струга, на одговорниот менаџер му се претставила како претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија. Лажно претставувајќи се, жената со хотелот потпишала договор за користење услуги по што во периодот од 14-19 август годинава, во хотелот престојувале 52 лица кои искористиле услуги во висина од 338.068,оо денари. При потпишувањето на договорот, пријавената лажно претставувајќи се дека е претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија, на менаџерот на хотелот му приложила исправа со невистинита содржина, односно тековна состојба на Конфедерацијата од фебруари оваа година. Иако никогаш не била претседател, во име на Конфедерацијата, пријавената склучила договор на кој ставила печат од Здружението за развој и унапредување на земјоделието. Со тоа, пријавената извршила измама на одговорните во хотелот за содржината на исправата што ја потпишале, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Откако менаџерот на хотелот ја увидел измамата, на 52-те лица што се сместиле во хотелот им го откажал престојот, за што според нивни кажувања, претходно и исплатиле пари на сега пријавената .

OhridNews