Секојдневно се зголемува бројот на донори кои сакаат да им помогнат на пациентите кои во моментов се заболени со ковид-19. Со крвна плазма досега се третирани околу 70 пациенти, информира министерот за здравство Венко Филипче.

Сите излекувани пациенти можат да даруваат конвалесцентна плазма и да спасат човечки живот. Да бидеме хумани и да ја покажеме нашата човечност. – вели Филипче.

Кој и како може да дарува?

Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое има оздравено од инфекција COVID-19, ако ги исполнува стандардните услови за дарување на крв и дополнителните критериуми:

  • Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од COVID-19
  • Да имаат два негативни теста во рок од 24 часа
  • Да се минимум 21 ден без симптоми, по што ќе се направи дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус.
  • Машки дарители или женски дарители кои не раѓале или се негативни на HLA антитела

Постапка за дарување на конвалесцентна плазма

Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува горе наведените критериуми.

Г.М.