Со голем хуманитарен концерт што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“, ќе биде одбележан денот на раѓањето на најголемата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески (1981 – 2007). Учество ќе земат познати музички имиња од земјава и Балканот.

На концертот ќе биде промовиран албумот „Со љубов од Тоше“, на кој се поместени  дванаесет рок- балади на светски познати артисти, како и песната „Наслони главу на моје раме“.

Во знак на благодарност за искрениот и  длабок хуманизам, уметничките дострели и обединувачката енергија, претседателот Ѓорге Иванов вчера постхумно го одликува Тоше Проески со Орден за заслуги за Македонија. Орденот на свеченоста што се одржа во претседателската резиденција го прими внукот на Тоше, Кристијан Ристески.
 
Наскоро во Крушево ќе биде отворена и спомен куќата на Тоше Проески во која ќе биде претставен животниот пат на музичкиот гениј, кој трагично загина во сообраќајна несреќа што се случи на 16-ти октомври 2007 година во Хрватска.

OhridNews