Со извонредната изведба на шоуто „Лошо куче“ во НУЦК “Григор Прличев“ – Охрид вчеравечер Никола Тодороски одбележа 13 години кариера на стендап сцената.
Публиката имаше можност да ужива во шоуто преку кое Никола се обиде да го пренесе чувството на индивидулност и интегритет, на некој кој е спремен да излезе, да ги погледне луѓето во очи и да зборува за одредени работи за кои не сме баш смели да зборуваме.
„Лошо куче“ е асоцијата е за некој кој умее сам да се грижи за себе. Значи како звршница во овие 13 години ако има нешто што сум го научил како занает или школо настапувајќи и пошироко во Европа и на Балканските простори и кај нас во Македонија е тоа дека секако ќе биде тешко и мораш да се бориш со сите околности. Кога сум прилично изморен, многу пати ми дошло преку глава, но никогаш не ми дошла мислата да се откажам од ова, вели Никола.
Потенцира дека низ овие 13 години поврзани со стендапот успеал да си го задржи интегритетот, не дозволил некој да му влијае иако, како што вели, имало обиди од сите страни.
Кај нас на сцената не постојат одредени правила според кои би можеле да играме. И многу е тешко да се плива во таква вода од каде незнаеш од каде ќе надојде нов бран или нова струја. Прилично контролирано општество сме да не се лажеме, додава Никола.
Навраќајќи се на почетоците се присетува дека на 21 април во 2011 година ја започнал неговата приказна како стендап комичар, посочувајќи дека доста работи се случиле во тие 13 години, а тој се труди сите тешки, страшни, глупи, чудни работи кои не опкружуваат да ги претвори во комедија и да ја насмее публиката.
На Балканот, а и кај нас се појавија луѓе кои мислат, кои имаат став и мислат дека можат да го присвојат нештото наречено стедап, тој тип на уметност. Тоа не може да се контролира, зошто тоа е поголемо од сите нас вкупно заедно. Тоа е констатна комуникација со публиката и затоа е квалитетно нешто. Затоа што ти се трудиш, даваш максимум од себе си за да направиш едно добро парче комедија. Истото не значи ништо се до моментот додека не го тестираш. И кога ќе го тестираш ти гледаш искрена реакција од публиката. Нема тука лажење, нема тука ќе платам, незнам, медиум за да каже дека ова е добро, а не е добро. Ти си во дирекна комуникација со публиката и од старт се гледа дали тоа е ок или не е. Исто така, комедијата е индивидуална работа. Не се од тоа што го правиме е за секого, ама нема ни потреба. И тоа е убавината на нештото, да има диверзитет, да имаме различен став за работите. И да не забораваме дека треба да се шегуваме со проблемите, зошто тоа е единствениот начин лошите работи да станат малку поубави, вели.
Со извонредна изведба на шоуто „Лошо куче“ Никола Тодороски одбележа 13 успешни години на стендап сцената
Никола со неговото најново стендап шоу, како дел од големата турнеја, веќе настапуваше во Прилеп, Битола, Струга, Ресен, Кичево, Гостивар, Штип, Скопје, Линц, Виена. Во текот на мај македонската турнеја продолжува и во останатите поголеми градови во Македонија, а по завршувањето на македонската турнеја шоуто ќе биде прикажувано и на англиски како дел од Европската турнеја која Никола ја планира од септември.
Н.С.Ј.
видео Б. Стојаноски