Со овие измени и дополнувања ќе се овозможи склучувањето на брак да се реализира и во домовите на младенците, во угостителски објекти, излетнички места, културно историски споменици, во кругот на верските објекти, јавни простории … За тоа ќе треба да се плати соодветен надоместок, како и да се добие одобрение за склучување на бракот од институцијата или управителот на објектот или локацијата на која се сака да изврши стапувањето во брак.
За да се склучи брак надвор од службените простории на Управата за водење на матичните книги, ќе се донесе подзаконски акт, со кој ќе треба да се реализираат начинот и висината на трошоците на склучувањето на бракот. Поточно, треба да се предвиди начинот како ќе се обезбедува превозот на матичарот и матичната книга од службената просторија на Управата за водење на матичните книги, до избраното место за склучување на брак.
Со ваквите измени извесно е и дека ќе се зголеми бројот на парови од странските земји кои се почесто го избираат Охрид како дестинација на која ќе го извршат свечениот чин. Досега од нивна страна единствено беа упатувани забелешки во однос на изгледот на општинската сала во која се врши стапувањето во брак. Со измените на законот, во иднина за оваа цел, ќе имаат можност да изберат една од многуте атрактивни локации низ градот.