По повод Светскиот ден на уметноста во понеделник, 15 април, во Европската куќа во Струга ќе биде отворена групна изложба „Реотркивање“.

Десет локални уметници ќе ги прикажат своите дела изработени во свој стил и техники.

Ова е можност за подетално и индивидуално запознавање со авторите, како и нивната работа и планови, вели уметникот Христијан Томаноски, кој е еден од учесниците.

Љубителите на уметноста во наредниот период ќе имаат можност да уживаат и во изложбите на Даме Затуровски и Викторија Попоска во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Струшкиот Центар за култура најави дека работат и на подготовките за Уметничката резиденција, на која ќе учествуваат уметници од земјава и странство.

Во тек се и подготовките за третото издание на Уметничката резиденција, која ќе се одржи во првата половина на август, годинава со наслов „Ластар 2023 / Tendril 2023“. Работиме на веб-сајтот за оваа резиденција, вршиме селекција и други активности што подразбираат повеќе ангажман годинава, стои во информацијата на Центарот за култура.

Според соопштението, во тек се подготовки и на уметнички работилници и поддршка за активностите поврзани со изработка на уште еден мурал од страна на медиа арт клубот на МОФ во втората половина на месецов во Струга.

OhridNews