Со изложба посветена на големиот ликовен уметник Вангел Наумовски, едно од најсветлите имиња во поновата историја на Охрид, и театарската уметност и хуманоста ЛК Лихнидос одбележува 15 години постоење.

Културниот хепенинг кој ќе се одржи денес со почеток во 18:30 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе опфати изложба  насловена „100 години Вангел Наумовски“, настап на хорот „Вокс Лихнидос“ и Охридски музички еснаф, откривање на пригодна плоча, како и изведба на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ со почеток во 20 часот.

На изложбата ќе бидат претставени плакати за самостојните изложби на Наумовски низ светот, како и едно оргинално уметничко дело  со цел да се види неговата генијалност.  Идејата е да се потсетиме дека имавме фантастичен уметник од нашиот град кој доби место во сите енциклопедии и кој имаше прилика да се презентира пред славниот Салвадор Дали, велат од ЛК Лихнидос.

Од Клубот најавија дека ќе покренат официјална иницијатива до градот за именување на плоштадот кај мини маркетот во плоштад „Вангел Наумовски“.

Во насока, пак на поддршката и соработката која Клубот ја има со Охридскиот театар, потсетувајќи се на обновувањето на истиот со поставување на претставата „Граница“ во изведба на Горан Стојаноски и Јасмина Билаловиќ, вечерва охриѓани ќе можат да ја погледат и претставата „Секс, лаги и љубомора“.

ЛК Лихнидос изминативе години бележи реализација на бројни хуманитарни активности со цел да им се помогне на оние на кои им е најпотребно, но и бројни активности за поддршка на културата.

OhridNews