Со историски час посветен на ликот и делото на Кирил Прличев во Спомен куќата на Христо Узунов денес беше одбележана 80 годишнината од неговата смрт.

Пред присутните за значењето на Прличев, како македонски патриот, револуционер, публицист, журналист, идеолог и интелекуалец, говореше м-р Михаил Патчев, проф. по историја.

Биографијата и револуционерната дејност на Кирил Прличев е мошне богата и комплексна. Тој оставил неизбришливи траги во македонското револуционерно движење. Во периодот од 1941 година до 1944 година бил директор на Охридскиот музеј со кој раководел три години и прикажал голема научно-истражувачка дејност. Како директор на оваа институција го пронаоѓа гробот на Св. Климент Охридски. Книжевната дејност на Кирил и Григор Прличев е богатство на Македонија и македонскиот народ, рече Патчев.

Денешниот настан беше организиран од страна на Општина Охрид и НУ Завод и музеј – Охрид. Во име на локалната пред присутните се обрати заменик градоначалникот Перчо Божиновски, кој истакна дека месец февруари во Охрид традиционално се поврзува со семејството Прличев.

Во македонската историографија дури од неодамна почна да се посветува повеќе внимание на дејноста и животот на Кирил Прличев. Општина Охрид и НУ Завод и Музеј Охрид по вторпат ја одржуваат оваа манифестација со која се одбележува оваа година 80 години од смртта на големиот револуционер Кирил Прличев. Се надевам дека денес и најмладите ќе имаат можност да спознаат и нови моменти од животот и делото на овој наш охриѓанец преку драмската изведба на учениците и преку изложбата „Лица на револуцијата“ визуелно, со нивната фнтазија да допрат до историските моменти од нашето минато. Верувам дека ваквите манифестации како Локална самоуправа ќе ги поддржуваме, бидејќи минатото е најздравиот темел за извесна иднина, додаде Божиновски.

Портрет од Кирил Прличев кој ќе биде сместен во Спомен куќата на Григор Прличев беше доделен од страна на неговата внука Олга Прличева, која потенцираше дека ваквата манифестација треба да прерасне во традиција.

Свеченоста беше збогатена со културно – уметничка програма и изложбата „Лица на револуцијата“ од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, а на истата беа присутни и голем број учениците од општинските основни и средни училишта.

Н.С.Ј.

Фото. Б. Стојаноски