Хуманоста на граѓаните и Црвен крст Охрид продолжува. На учениците со социјален ризик во основните училишта во општините Охрид и Дебрца, денес, им беа доделени пакети со училишен прибор обезбедени преку хуманитарни акции реализирани во изминатиот период.

Фото: Анамарија Момироска

Наставниците и менаџментот од училиштата изразија голема благодарност за хуманиот гест со кој им се помага на децата чии родители не се во можност да им набават прибор на своите деца.

  • Приборот ќе се користи во текот на наставата преку целата година, се надевам дека соработката со Црвен крст ќе продолжи и понатаму, ваквата помош за учениците е секогаш добредојдена, изјавија од училиштата.

Традиционалната хуманитарна акција „Даруваме радост за првачињата“ ја организираа волонтерите од Клубот на млади при Црвен крст Охрид, а имаше за цел да се собере училишен прибор или финансиски средства со кои се набави училишен прибор за првачињата од социјално загрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Средствата беа собрани со купување вредносни талончиња од младите на Црвен крст Охрид, а се донираше училишен прибор и во кутии за донации поставени за оваа намена во книжарниците и маркетите во Охрид како и во просториите на Црвен крст Охрид.

OhridNews