Тричасовно патување во длабочината на човечкото срце и потрага по одговорите на вечните теми за љубовта, бесмртноста, честа, гордоста и желбата за власт ќе понуди премиерата на тетарската претстава Хамлет, која ќе се одржи вечерва во Центарот за култура Григор Прличев, како дел од програмата на јубилејното Охридско лето.

-Хамлет е едно од најголемите театарски дела во историјата на светската драматургија. За да се работи оваа тема, треба да се има чувство за светот што не опкружува, тоа значи да се има исклучителен интелектуален, естетски и етички став во однос на случувањата што не опкружуваат, во однос на времето во кое живееме и во однос на  човечките вредности, како превирање во светот.-вели Ѓорѓи Јолески, селектор на драмската програма на Охридско лето.

Оваа престава која е едно од  највпечатливите дела на Вилијам Шекспир ја режираше Дејан Пројковски, а на сцената  ќе ја изведат актерите на Драмски театар. Ликот на Хамлет ќе го игра  Дејан Лилиќ, кој истакна дека оваа улога  за него била  голем предизвик.

-Ние актерите носиме материјал кој на премиерата треба да го сплетеме до крај и да и го дадеме на публиката. Тешко е и возбудливо е да се донесе ликот на Хамлет. Светот е суров, но ние сме тука да го смениме, Хамлет нема да го сметни светот, тој може само да укаже и може да го смени човекот внатре во себе. Ако со мојата улога успеам да го потикнам тој момент ја ќе бидам многу среќен.-рече Лилиќ.
 
Режисерот на Хамлет,  Дејан Пројкоски истакна дека му  претставувало голема чест  да се режира Хамлет во тетар кој има  сериозеност во својот репертоарски пристап но и голема традиција кон овие важни теми.

– Успеавме да направиме еден нов Хамлет кој што ќе го дише времето денес, дилемите на Хамлет ќе бидат дилемите на современиот човек.  Новиот Хамлет ќе комуницира со публиката со интимна исповест пред секој човек како посебен свет и универзум. Во  главниот режисерски концепт, ја заменивме познатата хамлетска дилема “Да се биде или не”, во “Да се биде или да се биде” како единствен можен одговор за херојот денес.–вели Пројкоски.

Темата Хамлет е три пати користена на Охридско лето од страна на Драмски театар. Првпат со „Хамлет“ Драмскиот театар гостуваше на „Охридско лето“ во 1978 со претставата на Слободан Унковски и со Мето Јовановски како Хамлет. Втората претстава во Драмски ја постави Владо Цветановски во 1999 година, а Хамлет го играше Ѓорѓи Јолевски.

Во оваа претстава ќе играат и Драган Спасов како Полониус, Бранко Ѓорчев како Клаудиус, Гертруд е Катерина Коцевска, а духот на таткото на Хамлет е Лазе Манасковски, како Офелија се појавува младата Викторија Степановска, а Розенкранц и Гилденстерн ги играат Игор Ангелов и Никола Ацевски, Музиката ја подготви Горан Трајковски, а сценографијата и костимографијата се на Владо Ѓоревски и Благој Мицевски.

E.E.