Градскиот плоштад во Охрид, шеталиштето и околните кафулиња синоќа беа преполни. На температура од -1 голем број охриѓани и гости заедно го славеа доаѓањето на новата 2019 година, со музиката на Ѓоко Танески, Жармена, Бетис бупс, Бекдор бенд и диџеј Петар.

Еснафот на угостители и Хотелелската асоцијација кои за краток рок го организираа заедничкиот дочек, задоволни од посетеноста и атмосферата за новогодишната ноќ во градот.

  • Многу насмеани и расположени лица наоколу, тоа за нас како домаќини е една голема сатисфакција. Иако се се организира во краток период, кога ќе се направи со позитивна енергија, резултатите се гледаат. На сите им посакувам среќна нова година, поуспешна и повесела од минатата, вели Михаил Мишев од охридскиот Еснаф на угостители.

Мишев додава дека најважно е да се има квалитетна понуда со цел гостите кои редовно доаѓаат да се задржат и да се привлечи уште поголем број нови гости.

  • Убавите искуства од овде да се пренесуваат, тоа ќе биде најубавата реклама за градот и Македонија, потенцира Мишев.

Организацијата во последен момент ја презедоа еснафот на угостители и Хотелелската асоцијација, откако општината претходно ги откажа сите свечености и манифестации за и околу новогодишните празници поради ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

За новогодишните празници во Охрид најбројни се гостите од земјава и соседните земји, Србија, Бугарија, Албанија кои ги исполнија бројните ресторани и кафулиња во градот.

OhridNews