Деновиве сме сведоци на чести прослави и на владата и на опозицијата, едните слават успешен референдум, а пак другите слават за вечна Македонија.
И ако нека си слават, нека се веселат, но кога ние пусти студенти ќе дојдеме на ред, некој и за нас барем на момент да помисли и да дојде во студентските домови да праша како живееме. Многу е лесно верувајте, како што гордо застанавте на сите митинзи, така гордо дојдете во ДСД „Гоце Делчев“, соберете не сите студенти барем во дворот, дигнете ја главата и прашајте како ни е нам. Секоја чест за реновираните блокови, да да, како од бајка е…но само на слика.
Срдечно ве покануваме на барем 2 дена престој во ДСД „Гоце Делчев“, каде што секојдневна храна се шпагети, гулаш и пире. Може да се најде некој исклучок но тоа е лотарија. Седнуваш на столче во „елитната“ кујна каде што си шеткаат мачки и некоја тетка гледаш со метла во рака ги брка..ај тоа ќе помине, свесни сме дека не сме во Париз. Но секој ден иста храна? Секој ден празни чинии, штедат дури и на тоа пире и на тие суви шпагети, гулашот ако има повеќе од 3 мевциња, знајте дека сте добиле многу. Кога сме кај лебот, често знае да не стигне леб, и се дели по две-три кришки на секој студент, оти може да се прејадеме па да ни биде лошо.
И така, полугладни одиме секој во своја соба, ќе ни текне дека сме имале напорен ден па треба да се избањаме, нели млади сме, академски граѓани, одиме на факултет, се движиме со луѓе, нема ваљда да дозволиме да мирисаме како петочен пензионер у ЈСП. И така полни со надеж се упатуваме кон кабините, кога тоа немало и топла вода бе, и стискаш неколку пати на тоа тушот си мислиш мора да е грешка, и пак осеќаш камен ладна вода. Таков е животот на студентите, ќе јачаме имунитет, ќе се челичиме, а беспрекорно дотераната господа нека си седи на кожните фотелји и нека пишува милион лаги кои треба да ги искаже на митинг.
Ние јаки сме, храна нема, топла вода нема, еве сега доаѓа зима, па ќе си купиме кофа, арно струја има па ќе си згрееме вода да си се потуриме како во камено време. Знајте дека ништо не е во ред, имате гладна младина и небањата, така драги мои не се оди во ЕУ, дајте ни прво храна да се најадеме и топла вода, па потоа дојдете да ни ги перете мозоците. Ве покануваме да дојдете на „богат ручек“ у мензата и на едно бањање со ладна вода, шампонот од нас ќе ви биде гратис. Па зарем е толку тешко да си испрати храна до студентските домови и да се направат пумпите за да имаме топла вода. Ние не сме животни, луѓе сме и не заборавајте дека ви плаќаме за оваа мизерија, дајте средете работа или ако нема излез барем намалете ни на цена…оти нема ни основни услови за живот а земате 60 еврулиња од секој студент. Ако не сте знаеле, еве сега знаете, и ве известуваме дека нема храна, нема што да јадеме, толку е мизерно, и немаме топла вода во блок А. Повелете кога сакате, најдете решение за ова, и после ќе разговараме за академски граѓани, за повисоки плати, и дури на крај за ЕУ. ВАКА НЕ СЕ ОДИ ВО ЕУ!
Авторот познат на редакцијата
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите