Со концерт на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде, во недела во катедралната црква „Св. Софија“ ќе биде отворено првото издание на фестивалот „Piano Summer Ohrid“.

На фестивалот кој до 27-ми овој месец ќе се одржува во Охрид, предвидени се вечерни концерти во салата на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“.

Се потрудивме на публиката да и понудиме богата програма која ќе се базира на камерна, но и на модерна музика која на ова наше поднебје е запоставена. Голема чест е што оваа година ни доаѓа професорот Шилде кој е еден од најзначајните претставници на германската клавирска традиција. Освен него, кој воедно ќе држи и предавање, доаѓаат и многу други гости, универзитетски професори и концертни пијанисти. Тука е Дмитриј Романов, Хјун Сон Текин од Јужна Кореја, Масако Сакаи и Мику Нишимото од Јапонија, Марија Динов, двајца есцелентни оперски пејачи, Катарина Симоновиќ и Саша Арсенков и други.“ – рече Зоран Имшировиќ, уметнички директор на фестивалот.

Во рамки на фестивалот ќе се организира и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде. Едукативните часови ќе се одржуваат во периодот од 09:00 до 18:00 во просториите на музичкото училиште „Методи Патче“

Самата идеја за организација на една ваква летна академија потекнува од нашето пријателство. Вакви академии сме организирале во Верона, Италија, на BodenSee, Германија и тоа е најнормално во музичкиот свет на класичната музика, бидејќи се бараат убави инспиративни локации каде уметниците ќе дојдат, ќе се одморат, а воедно ќе имаат можност професионално да се усовршат.“ – изјави Јана Бегин, генерален менаџер на „Piano Summer Ohrid“.

Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти август на отворено, во центарот на Охрид, а на кој ќе настапуваат и специјални гости.

Исто така во склоп на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат пијанистите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.

Организацијата на фестивалот е со поддршка на општина Охрид, Охридско лето, Концертниот сервис „Акритериум“ и голем број  поединци кои ја препознале вредноста на фестивалот и на свој начин допринеле во неговото реализирање.

OhridNews