Квалитетот на воздухот во општина Охрид, во иднина, ќе се следи преку нови методи. Преку таканаречени интелегентни сензори ќе се обезбеди следење на квалитетот на воздухот, “облак” базиран на “Отворени податоци” и систем со предвидлива анализа и напредна можност за учење кое овозможува навремени активности на јавните органи.
Охрид е избран како пилот град кој ќе ги користи новите методи за следење на квалитетот на воздухот, во рамки на ЕУ проектот INTERREG Програма, со наслов AIRTHINGS, кој во организација на министерството за животна средина, денес беше промовиран во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Во проектот учествуваат пет држави: Македонија, Албанија, Грција, Бугарија и Кипар. Државниот инспекторат за животна средина е партнер од македонска страна.
- Токму со овој проект ќе се види нивото на загадување во Охрид. Оваа мрежа користи одредени референтни европски методи, мора да бидеме внимателни со податоците кои ќе им послужат на креаторите на политиките, согласно локалниот еколошки акционен план во општина Охрид. Врз основа на тие податоци ќе се види загадувањето, објаснува Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина.
Во рамки на проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при локалната самоуправа веќе започна поставувањето на сензори на различни локации на јавни институции за следење на еколошки параметри, како и поставување/инсталирање на филтри за домаќинства кои користат цврст енергенс за затоплување на своите домови. Со тоа за прв пат ќе се обезбедат презцизни податоци за состојбата со загадувување на воздухот во Охрид.
- Факт е дека се соочуваме со голем предизвик, тоа е проблем присутен во целиот свет, но не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека ние во нашата држава иамаме неколку градови кои имаат енормно загадување. Владата презема чекори, како што е и овој, но во иднина ќе мора да се работи и многу повеќе, бидејќи проблемот со години не бил третиран, вели Павлески.
Како што нагласи заменик градоначалникот, Ристо Николески, општина Охрид постојано ги поддржува проектите на Европската унија кои се во насока на заштитата на животната средина.
- Иднината е кај младите и на сегашните и идните генерации треба да им обезбедиме здрава животна средина, а овој проект токму е фокусиран на следењето на квалитетот на воздухот во Охрид, преку иновативни методи, а ќе биде и од особено значење за планирањето на идните активности и мерки во оваа област, рече во своето обраќање заменик градоначалникот Николески.
Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 г. во Македонија околу 3.000 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички (ПМ10 и ПМ2.5). Иако не постои безбедно ниво на загаденост, со намалување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 до стандардот на ЕУ би се избегнале повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.
OridNews