Група мајки од Шпанија се фотографирале за еротски календар како би собрале пари за училишен автобус за нивните деца. 
За помалку од еден месец, успеале да соберат доволно средства да платат превоз за следните три месеци. Скромно облечени, мајките на фотографиите се качуваат по скали и туркаат количка по нечиста патека, како би го илустрирале патот долг шест километри кој нивните деца секое утро мораат да го минат.
 Идејата за календарот се појавила по воведувањето на мерките за штедење во јули, со што бил намален буџетот за училишниот превоз во областа Монсерат на истокот од Шпанија. 
Според шпанскиот закон, владата била обавезна да обезбеди превоз доколку учениците живеат подалеку од три километри од училиштето.
 Меѓутоа, според новите правила таа далечина мора да биде пресметана праволиниски, што значело дека нивното училиште повеќе не можело да смета на училишен превоз. 
Една од мајките рекла дека календарот не бил баш за сечиј вкус, но и дека немале друг избор.