Менаџирањето со неизграденото градежно земјиште кое е во сопственост на Република Македонија, претставува еден одговорен процес кој ќе овозможии урбанизација и реализација на нови инвестиции во сите општини во земјата, изјави денес министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, зборувајќи за работниот текст на Законот за градежно земјиште.
 
Со цел овој процес да биде што поефективен потребно е општините да имаат добри административни капацитети. Пред се, квалификуван персонал и систематизирање на сервисите кои општините ги нудат на граѓаните, со цел нивна побрза реализација, рече Јанакиески.
 
Суштинска измена на законските решенија во овој закон е тоа што постапките за отуѓување и давање под долготраен и краткотраен закуп на неизграденото градежно земјиште кое е во сопственост на РМ, преминуваат во надлежност на единиците на локалната самоуправа на чие подрачје е градежното земјиште, согласно Законот за територијална организација.
 
Со управувањето со неизграденото градежно земјиште од страна на општините, ќе се воведе принципот на извршување на сите административни активности на едно место, што претставува една огромна придобивка. Потенцијалните инвеститори и граѓани сите работи кои се поврзани со административните процедури за процесот на планирање на градежното земјиште, ќе можат да ги остварат во рамките на локалната самоуправа.

Во насока на доследна имплементација на решенијата кои ќе бидат предвидени со ова законско решение, ќе бидат предвидени и соодветни санкции, како за одговорните, така и за службените лица кои работат во единиците на локалната самоуправа, потенцира министерот Јанакиески.

Ohridnews