Во рамки на првиот „Дипломатски караван“ на кој учествуваа повеќе амбасадори и претставници на дипломатскиот кор во државава, денеска во Струга беа презентирани и промовирани економските потенцијали на домашните фирми, како и можностите за инвестирање со цел да се поттикне регионалниот развој во Југозападниот плански регион.
Заменикот министер од Министерството за надворешни работи, Фатмире Исаки во своето обраќање на централниот настан во Струга рече дека покрај тоа што на овој караван биле презентирани економските потенцијали на домашните фирми и инвестициските можности потпишан е и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и Бирото за регионален развој кој има за цел да иницира поплодна соработка помеѓу двете институции преку заедничката организација на дипломатски економски каравани и во останатите седум плански региони.
Целта ни е да носиме нови инвестиции и очекуваме, со оглед дека е сега време на криза, за една година да имаме поголем успех и да се види резулатот на овој почеток на дипломатскиот економски караванот истакна Исаки.
Директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска истакна дека целта е, со оглед на светската криза, да се отворат нови пазари за фирмите од овој регион за да можат да ги пласираат своите производи, што би значело и економски бенефит во Југозападниот плански регион.
Ова е еден од начините за привлекување на нови инвестиции, креирање на нови работни места, да се обидеме да ја подобриме состојбата на економски план во Југозападниот плански регион. Ако се обезбедат нови инвестиции и ако се прошират пазарите во ЕУ тоа ќе креира нови работни места, бидејќи ќе се зголеми и побарувачката. Пред неколку години невработеноста беше над 30%, а според последните податоци стапката на невработеност е 24,1% во овој регион, која се уште е висока, што значи дека има потреба од креирање на нови работни места, рече Лозаноска.
Претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, Рамис Мерко истакна дека сакаат да укажат на потребата на имплеметација на Законот за рамномерен регионален развој и која е добробита од овој развој.
Законот кој е донесен во 2007 година е позитивен во рамномерно развивање на сите региони, урбаните, руралните средини или средини со посебни потреби. Преку овој Плански регион се поминати многу проекти, иако не доволно бидејќи не се имплементира Законот, 1% од БДП со кој за секој регион би имало над 10 милиони евра годишно, а се доделуваат одвај скоро 1 милион евра по регион. Средствата кои се доделуваат по Министерства треба да се децентрализираа, односно да може тоа да оди преку региони, затоа што само така сите градоначалници ќе можат да конкурираат за проекти, а сите заедно со 2/3 гласови ќе изберат проекти и места за кои е потребно да се имплементираат такви проекти, рече Мерко.
Пред завршниот настан во Струга дипломатскиот кор и амбасадорите остварија средби со градоначалниците на општините Кичево, Охрид и Струга, а на централниот настан се презентираа со свои производи неколку фирми од овој регион.
„Дипломатскиот караван“ беше во организација на Министерството за надворешни работи, Бирото за регионален развој и Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Н.С.Ј.